Млеко - состав и бенефити од редовно користење

Млекото е бела течност произведено од млечните жлезди на цицачите. Сите цицачи, вклучувајќи ги и луѓето, произведуваат млеко за да го нахранат своето потомство се додека нe е подготвенo за цврста храна. Ова е основната и првична функција на млекото, но неговата вредност не застанува тука. Има сознанија дека користењето на млекото датира уште од пред 7000 години. Во минатото ,млекото претставувало луксуз и го користеле само богатите и кралските семејства при што кравите и овците биле високо ценети поради способноста да даваат млеко за пиење.

Во 1862 година францускиот биолог и хемичар Луј Пастер за првпат го извршил процесот познат по неговото име Пастеризација со кој со загревање на некои прехранбени продукти на температура околу 60 ˚C се уништуваат главните микроби кои можат да предизивикаат расипување. Со овој процес се случила револуција во прехранбената индустрија на млеко, вино и пиво, со што се осигурал квалитетот на овие производи за безбедно користење.

Денеска се препорачува редовна употреба на млеко за пиење не само на малите деца туку и на повозрасните со консумација на барем една чаша дневно. Придобивките од пиење на млеко и исхрана со млечни производи се огромни и во некои случаеви незаменливи во смисла на хемискиот состав.

Млекото се смета за витален извор на витамин Д и калциум без кои нашиот организам не би имал доволно силен имунитет ниту пак здрави и силни коски. Млекото соджи околу 3,2 g протеини, 4,8 g јаглени хидрати, 3,3 g масти, 0,08 g омега 3, 0,12 g омега 6. Ова е нутритивен состав на полномасно млеко.

Во следната табела подетално ќе се запознаете за составот во само една чаша млеко.

Нутритивната вредност на млекото (100 g)
НутриентВредност
Вода (g)89,92
Енергија(kcal)42
Протеини (g)3,37
Масти (g)0,97
Јаглехидрати4,99
Шеќери (g)5,20
Калциум, Ca (mg)125
Железо , Fe (mg)0,03
Магнезиум, Mg (mg)11
Фосфор, P (mg)95
Калиум, К (mg)150
Натриум, Na (mg)44
Цинк, Zn (mg)0,42
Витамин Ц0,00
Тиамин (mg)0,02
Рибофлавин (mg)0,19
Ниацин (mg)0,09
Витамин B-6 (mg)0,04
Фолати, DFE (µg)5
Витамин B-12 (µg)0,47
Витамин А (µg)14
Витамин А, IU (IU)47
Витамин Е (mg)0,02
Витамин D (IU)1
Витамин К (µg)0,1
Заситени масни киселини (g)0,63
Мононезаситени масни киселини (g)0,28
Полинезаситени масни киселини (g)0,04
Холестерол (mg)5

Сите овие нутритиенти кои се вбројуваат во составот на млекото и млечните производи се од есенцијално значење за човековиот организам и неговото општо добро здравје. Еве неколку примери како нутритиентите позитивно влијаат на организмот и здравјето:

  • Калциум: За здрави коски, заби и за добра коскена маса.
  • Протеини: Извор на енергија и регенерација на мускулното ткиво.
  • Калиум: За нормален крвен притисок.
  • Фосфор: Помага за поцврсти коски и виталност, како и за раст.
  • Витамин Д: За имунитет и здрави коски.
  • Витамин Б12: За здрави еритроцити и нервно ткиво.
  • Витамин А: За имунитет, здрави очи и кожа.
  • Рибофлавин (B2): За претворање на храната во енергија.
  • Ниацин: Го регулира метаболизмот на шеќери и масти.

Лактоза

Лактозата или млечниот шеќер е единствен јаглехидрат кој се наоѓа во млекото и е извор на третина од неговата енергетска вредност. Млекото ја има во најголема количина, а во ферментираните производи (јогурт, кисело млеко, павлака и др.) лактозата ферментира и се претвара во друг облик. Најмалку ја има во полутврдите и тврдите сирења благодарение на бактериите во нивниот состав на кои им е потребен подолг период за ферментација.

Белковините

Белковините од млекото спаѓаат во групата протеини кои го поттикнуваат растот и овозможуваат регенерација на организмот. Големата хранлива вредност на млекото меѓу другото се должи на биолошко полновредните белковини богати со есенцијални амино киселини. Во млекото има три вида белковини од кои најзастапен е казеинот со 3%, лактоалбумините со 0,5% и лактоглобулините 0,05%.

Суштинското значење на млекото

Неконсумирање на млеко или млечни производи може да резултира со појава на остеопороза, но и тешка анемија. Оваа високо хранлива бела течност познато е дека е најголем извор на калциум кој е неопходен минерал за раст на скелетот и неговата цврстина и густина. Калциумот исто така го штити организмот од сериозни хронични заболувања, како губење на коскена маса, артритични состојби, главолоболки и мигрени, ПМС синдром како и од појава на дебелина кај деца. Калциумот е суштински минерал за правилно формирање на коскената маса и структура на човечкото тело, а во најголеми количини го има во млекото и млечните продукти. Коскените нарушувања како што е остеопорозата може да се спречат со значителен дневен внес на млеко. Децата (кои не се алергични на состојки на млекото) лишени од кравјо млеко имаат зголемена шанса да страдаат од фрактури на коските при повреди, а нивното време на лекување да биде значително подолготрајно ако немаат постојан прилив на калциум за да помогне во повторното зголемување на коскената маса.

Освен како благороден минерал за коските, калциумот се покажал и дека ги намалува кардиоваскуларните болести и шансите за срцеви нарушувања па и инфарктни состојби. Долгорочни студии од Јапонија докажале дека постои корелација на дневниот внес на калциум со намалени шанси за мозочен удар, артеосклероза и кардиоваскуларни болести.

Пептидите во млекото придонесувата во намалување на ензимите кои го зголемуваат крвниот притисок. Содржината пак на магнезиум и калиум во млекото делуваат како вазодилататори со што се намалува крвниот притисок, се зголемува протокот на крв во виталните органи и го намалуваат стресот врз срцето и кардиоваскуларниот систем.

Млекото е здраво за забите, со тоа што ако децата го конзумираат редовно нивната емајлирана површина ќе биде заштитена од кисели материи, а и ќе се намали ризикот од распаѓање на забите и проблеми со непцата.

Млекото оневозможува дехидратација на организмот бидејќи во основата е течност составена од голем процент на вода.

Исто така добро е за третирање на сува кожа. Млечната киселина има моќ да ги отстрани мртвите клетки од површината на кожата со што се овозможува подмладување и регенерирање на кожата. Поради импозантното количество на витамин А кој е познат антиоксиданс, со редовно пиење на млеко се елиминираат слободните радикали и опасни нуспроизводи со што се доведува организмот до една балансирана и здрава состојба на функционирање.

Секако дека има луѓе кај кои кравјото млеко предизвикива несакани здравствени состојби во вид на алергии, неподнесување на лактозниот шеќер и друго. Секој треба да си го слуша оргамизмот и да се исхранува здраво.

Млекото и млечните производи имаат голема хранлива вредност која е од витално значење за човечкиот организам и треба редовно да се косумира за да се почуствуваат неговите благодети.